НАЈАВА ДЕКА ПОЛЈАКОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОВРАТНИК ВО СПОРТОТ

Рено веруваат дека Кубица е доволно брз за Ф1

Директорот на тркачки операции на Рено, Алан Пермејн смета дека Роберт Кубица покажал дека е доволно брз за кам-бек во Ф1 на тестирањето во Валенсија, зголемувајќи ги шпекулациите дека тој ќе го замени Џолион Палмер во тимот

објавено: 15 јуни 2017 - 16:30

Кубица возеше болид на Лотус од 2012 година минатата недела во негов прв Ф1-тест од прекинот на кариерата по сериозната повреда на раката добиена при судир на рели-трка во Италија во февруари 2011 година. Тој помина 115 круга на патеката по што најави дека главната цел е „вистински кам-бек“.

Пермејн вели дека тестот поминал одлично и брзината била солидна, но дека најголемото изненадување е големиот број на извозени кругови.

„Воопшто не се сомневав во брзината на Роберт, бидејќи тој не престана да вози и да се трка. Беше на симулатори, возеше ГП3 болид, но не знаевме какво е неговото ограничување. И помина навистина добро. Беше многу брз, и од тоа што го видов, брзината е тука. Има многу патеки на кои неговите физички ограничувања би пречеле и тоа го знае и самиот“, вели Пермејн.

Повредата на десната рака на Кубица е фактор во одлуката на полскиот тркач, но Пермејн посочува дека Рено би требало да направат само „мала модификација“ на воланот за тој да може да вози во Ф1.

 

Најново во Авто-мото