ЗАВРШИ ПРВИОТ МЕЃУНАРОДЕН МИНИ БАСКЕТ ФЕСТИВАЛ ЈУНИОР 2017

Кошарката, дружењето и забавата на прво место

Младите кошаркари и тренери за мини баскет од цела Македонија овој викенд покажаа прекрасен пример преку спортот како македонскиот народ треба да се сплоти без разлика на пол, возраст, вероисповед, националност и други разлики.

објавено: 17 мај 2017 - 17:00

Младите кошаркари и тренери за мини баскет од цела Македонија овој викенд покажаа прекрасен пример преку спортот како македонскиот народ треба да се сплоти без разлика на пол, возраст, вероисповед, националност и други разлики.


Овој викенд на Скопски Саем за прв пат во Македонија се одржа голем интернационален мини баскет фестивал во организација на Школата за мини баскет ЈУНИОР а во соработка со организаторите на најголемиот мини баскет фестивал во Европа – "Рајко Жижиќ" од Србија кои веќе 17 год. традиционално го организираат овој фестивал на Белградски саем.
Целта на овој фестивал е пред се дружење помеѓу децата од цела Македонија и други земји, забава и овие млади кошаркари да одиграат што повеќе натпревари заради стекнување на искуство, како и афирмација на македонскиот кошаркарски квалитет.


На овој прв фестивал учество земаа вкупно 42 екипи или околу 600 кошаркари родени 2006, 2007, 2008, 2009 и помлади од цела Македонија (Скопје, Гостивар, Велес, Штип, Неготино, Охрид, Струга, Богданци, Куманово, Струмица, Пробиштип, Кочани) и Србија.


Се одиграа вкупно 70 натпревари на 3 терени, на кошеви и со баскети прилагодени на возраста на децата. Во мини баскетот нема победници, нема семафор и резултат, зашто сите учесници се победници и сите на крајот добија медал за учество.

Фестивалот имаше хуманитарен карактер – беше организирана хуманитарна акција за собирање на парични донации за обновување на домот на малата Ана Колевска од Петровец чија куќа настрада во пожар.
За време на фестивалот се одржаа и два едукативни Семинари за сите тренери кои ги водеше Дрор Бригер, познат Израелски тренер кој има огромно тренерско искуство во работа со млади категории на играчи ширум Европа. Во својата богата тренерска кариера водел тимови како Хапоел Кфар и Хашарон и бил селектор на репрезентацијата на Израел У16 од 2000-2005 год. Тој е основач на European Sports Events.


На фестивалот беше промовирана и најдобрата иновативна технологија во спортот која ја користат најдобрите НБА тимови - PLAYSIGHT SMARTCOURT FOR BASKETBALL. Кошаркарскиот клуб ЈУНИОР е пионер во воведувањето на новитети во кошарката во Македонија и пошироко и е прв клуб на Балканот кој ја воведе оваа иновативна технологија.
Се надеваме дека овој настан ќе стане традиционален.

Најново во Другата страна на спортот