ОДБОЈКАРИТЕ БАРААТ НОВИ ТРИУМФИ ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА

Прво Албанија, а потоа и Шведска...

*Нашите момци двапати во минатогодишните дуели од групната фаза ја совладаа Албанија, денеска ќе се бара продолжување на таа традиција...

објавено: 17 јуни 2017 - 17:00

По сигурните (3-0) против Азербејџан на стартот на турнирот во Скопје, машката одбојкарска репрезентација на Македонија вечерва против Албанија и утре против Шведска ќе бара две победи.

Уште четири бода кои ќе и овозможат да дојде до поставената цел во групата „А“ за првиот турнир во Скопје „три од три" победи во Европската лига 2017. Избраниците на Драгутин Балтиќ вечерва (19:30 часот) пред себе ја имаат селекцијата на нашиот западен сосед.

Противник со кој ги измеривме силите и во претходното издание на ова репрезентативно натпреварување, а скорот беше позитивен за „црвено-жолтите", два триумфи.
Албанија изненади на стартот на турнирот, ја совлада со 3:2 Шведска вчера и со тоа стави до знаење дека нема да си дозволи да биде потценета во ниту еден момен. Дека е незгоден противник Македонија има почувствувано на своја кожа и тоа токму пред година дена, но на еден друг терен, оној во СЦ „Борис Трајковски" кога на отварањето на вториот турнир ќе се најдевме во истата ситуација како вчера Шведска, односно од „готово вересија".
Македонските репрезентативци нема сомневање дека извлекоа поука од тој меч, па да се надеваме дека се предупредени и од вчерашните случувања на теренот во СРЦ Кале.
Македонија е поквалитетна и поискусна (по настапи) екипа во европските натпреварувања и тоа би требало да го потврдат и на теренот во дуелот со Албанците.

ЕВРОПСКА ЛИГА 2017
ГРУПА А, 1. ТУРНИР – Скопје
1.КОЛО
Албанија – Шведска 3:2
МАКЕДОНИЈА – Азербејџан 3:0
2. КОЛО (сабота)
Шведска – Азербејџан 17:00ч.
Албанија – МАКЕДОНИЈА 19:30ч.
3. КОЛО (недела)
Азербејџан – Албанија 17:00ч.
Шведска – МАКЕДОНИЈА 19:30ч.

Најново во Други спортови