НОВ КОЛУМБИСКИ ЛИДЕР НА ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Гавирија ја „грабна“ розевата маичка

Фернандо Гавирија е новиот носител на розевата маичка на Џиро Д'Италија откако неговиот Квик-Степ тим успеа да ја „одвои" главната група на силен ветер во финишот на третата етапа во Каљари, на Сардинија

објавено: 7 мај 2017 - 17:27

Во третиот ден во својата прва голема трка, 22-годишниот Колумбиец Гавирија ја „грабна“ розевата маичка од Германецот Андре Грајпел (Лото Судал), кој беше одвоен од Квик Степ. Со шест члена во групата од 10 велосипедисти кои се одвоија во последните 10 километри од 148 километри долгата етапа од Тортоли, Квик Степ ја „свртеа“ трката во своја корист.

Гавирија излезе зад тркалото на колегата Максимилијано Рикезе за убедлива победа пред Германецот Рудигер Зелиг (Бора-Хансгрое) и италијанскиот шампион Џакомо Ницоло (Трек-Сегафредо).

Грајпел беше десетти на етапата зад Саша Модоло (УАЕ Емирати) и Кејлеб Јуан (Орика-Скот) со 13 секунди заостанување зад лидерот.

Со 10-те бонус секунди за првото место, Гавирија има 9 секунди предност пред Грајпел, додека победникот на првата етапа, Лукас Пестлбергер (Бора-Хансгрое) е трет со 4 секунди послабо време.

Најново во Други спортови