ИТАЛИЈАНЕЦОТ УДРЕН ОД КОМБЕ ВО СВОЈОТ РОДЕН ГРАД

Трагедија во Италија - загина екс-шампионот на Џиро, Скарпони

Светот на велосипедизмот загуби еден голем шампион, откако Италијанецот Микеле Скарпони го загуби животот во сообраќајна несреќа во Филотрано, во близината на Анкона

објавено: 22 април 2017 - 10:25

Пред само пет дена, Скарпони изненади со победа на првата етапа на Трката околу Алпите во Австрија, негова прва победа по шест години по што најавуваше „напад“ на Џиро Д’Италија. Според „Газета дело спорт“, Скарпони бил на утринско возење со својот велосипед кога бил удрен од комби, чиј возач едноставно не го видел велосипедистот на Астана.

37-годишниот Скарпони ја почна професионалната кариера во 2002 година и беше познат како фантастичен на планинските етапи. Во 2011 година тој стана шампион на Џиро Д’Италија по дисквалификацијата на Алберто Контадор, а оваа година беше промовиран во капитен на тимот на Астана за Џирото по откажувањето на Фабио Ару.

Скарпони исто така беше познат како насмеан лик на велосипедските трки, како еден од најпопуларните италијански велосипедисти. Тој беше оженет и имаше две деца.

 

Најново во Други спортови