Невиден меч со хепиенд за македонскиот тенисер

По голема драма и маратон од 4 часа Јотовски ја освои титулата на Телави опен во Грузија

Томислав Јотовски ја освои седмата тениска титула во кариерата, во веројатно највозбудливото негово финале досега, а на крајот со кренати раце го прослави триумфот по невиден маратон од 4 часа

објавено: 16 јули 2017 - 14:03

Томислав Јотовски ја освои седмата тениска титула во кариерата, во веројатно највозбудливото негово финале досега, а на крајот со кренати раце го прослави триумфот по невиден маратон од 4 часа. Противникот од Шпанија Гилјермо Оласо се покажа како тврд орев, но сепак на крајот Јотовски славеше со 7:6, 6:7, 7:6. Три тај-брејка кои не беа за сите со тенки нерви, а македонскиот тенисер пропушти многу порано да дојде до пехарот на ИТФ турнирот во Грузија, со награден фонд од 15 илјади долари.

Јотовски имаше предност од 1:0 во сетови и 5:0 во поени во вториот од трите тај-брејка на мечот. Беше на само два поени од победа, но се случи чудо. Оласо со невидена серија од 6 поени, направи пресврт, а потоа пак Јотовски имаше меч топка и предност од 7:6, но му дозволи на противникот да израмни на 1:1 во сетови. Драмата продолжи и во третиот сет, кога Јотовски се спаси од негатива од 3:5, спаси 4 меч топки, а потоа пак во тај-брејк имаше повеќе нерви и енергија и славеше со 7:4. Меч што Јотовски ќе го памети и што му донесе нова титула и нови рејтинг поени на светската ранг-листа.

Најново во Други спортови