ОЧЕКУВАЊА ЗА УТРЕШНАТА ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЛШ

Блажевски: Нашата шанса е Малме, Карабах, Шериф...

Вардар утре во 12 часот ќе го дознае противникот во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите.

објавено: 18 јуни 2017 - 16:48

Вардар утре во 12 часот ќе го дознае противникот во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Како што е познато, на самиот ден на ждрепката, тимовите се делат во четири групи, и ќе се намали изборот на екипи кои што може да му се паднат на „црвено-црниот" тим.

Вардар во 2. квалификациско коло може да игра против некои познати противници како што се АПОЕЛ со кој македонскиот тим играше пред две сезони во квалификациите. Еден од можните противници е и тимот на Марибор со кого избраниците на Гоце Седлоски одиграа пријателска средба минатото лето на подготовките во Хрватска.

„Сите противници се тешки, сите се шампиони во своите првенства, и имаат квалитет. Ќе мораме да пристапиме максимално ангажирано ако сакаме да направиме нешто повеќе и да минеме понатаму. Мислам дека кој и да падне нема да се предадеме и со секого можеме да се надигруваме. Имаме квалитет и сега повеќе искуство од минатите две години. Не успевавме во минатите две сезони да минеме, иако мислам дека минатата година против Динамо Загреб имавме реални шанси. Се надевам дека оваа година ќе успееме да минеме барем едно коло. Што се однесува до противниците, имам неколку желби. Мислам дека доколку се паднат Малме, Карабах, Шериф, Хафнарфјордур, Марибор, тогаш имаме добри шанси да минеме“, изјави Дејан Балежевски пред утрешната ждрепка.

Слично на Блажевски, размислува и Никола Глигоров. Желбата е да се мине барем едно коло, а да се избегнат првите четири најдобри екипи, според коефициентот.

„Како и претходните две години, имаме амбиции да минеме барем едно коло. Се надеваме дека оваа година ќе бидеме успешни и ќе ја исполниме целта. Претходните две сезони имавме шанси, но не успеавме. Мислам дека многу работи зависат од самата ждрепка утре, но исто така голем дел од работите зависат од нас. Пред нас е подготвителен период од две недели во кои ќе треба да ја истемпираме формата за Лигата на шампионите. Со нетрпение ја очекуваме утрешната ждрепка и да го дознаеме противникот. Лесни противници немаме. Има екипи кои се редовни учесници од групна фаза, па дури и во нок-аут фазата во европските натпреварувања. Во Лигата на шампионите нема лесни противници, но, кога би можел да бирам, би ги избегнал првите топ четири екипи по коефициент. А, тоа се Салцбург, Селтик, Копенхаген, Лудогорец, и не би сакал АПОЕЛ и Легија. Со другите можеме да се надигруваме".

Најново во Фудбал