ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД НЀ НЕМА ВО ИЗБОРОТ НА „ВОРЛД СОКЕР“

Регионот полн со врвни фудбалери и таленти, од Македонија нема - ниту еден! (ФОТО)

Најпрестижниот фудбалски месечник „Волд Сокер" втора година по ред избира врвни 500 фудбалери во светот и повторно, на големата листа нема ниту еден Македонец. Срамното 138 место на ФИФА-листата на А-тимот и фактот што во врвните лиги имаме само двајца фудбалери, кои не се стандардни првотимци, се причина „Ворлд Сокер" повторно да нѐ изостави.

објавено: 1 март 2016 - 13:33

Нова потврда за фудбалскиот очај доаѓа во година во која повторно амбициите се високи, пред се за македонската репрезентација. Во септември, црвено-жолтите ги стартуваат квалификациите, целта е да се стигне дури до третото место, но од перспектива на најугледниот и најпрестижен магазин – Македонија нема играчи за врвни дострели.

Ако ни е за утеха, за разлика од ланскиот избор, кога Македонија беше единствена од Балканот што немаше свој играч на оваа листа, годинава друштво ни прави – Бугарија. Источниот сосед, со кој на крајот на месецов (29 март) ќе играме пријателски меч, заедно со нас се единствените две земји од Балканот, кои не исполнија ниту еден критериум на магазинот, за барем еден фудбалер да се најде на листата.

Магазинот направи избор на најдобри 500 играчи по пет параметри: фудбалери кои се во форма во актуелната , млади таленти кои имале најдобри оценки во минатата сезона, репрезентативци кои играле клучна улога во националниот тим, играчи кои биле во медиумскиот фокус и се наоѓале на насловните страници и суперѕвезди.

„Како и минатата година, кога почнавме, и оваа избравме најдобри 500 фудбалери. Тргнавме по 50 од најсилните лиги (Англија, Германија, Шпанија), 40 од Италија и од Франција, помеѓу 15 до 20 од лигите од средна класа и завршивме со 5-10 од најниските лиги“, стои во образложенитето на „Ворлд Сокер“.

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев и оваа сезона е резерва, откако по неуспешната сезона во Галатасарај летоска се врати во Италија, во Џенова, но откако одигра неколку мечеви, сега воопшто не добива шанса од тренерот Гасперини. Александар Трајковски за разлика од Пандев, игра, понекогаш е стартер, почесто резерва, но досега даде два прекрасни гола. Но, сето тоа за магазинот е неубедливо да се најде на листата. Сите останати наши фудбалери, најголем дел од нив играат во просечни клубови и без забележителни настапи, со исклучок на Илија Несторовски, кој е најдобар стрелец во Хрватска и веќе има сигурен трансфер во Палермо. Кога станува збор за талентите, младата македонска репрезентација е во игра за ЕП, а овој месец е клучниот меч со Исланд, но и од оваа селекција, според магазинот, никој не заслужи место.

ЕВЕ КОИ СЕ ЅВЕЗДИТЕ ОД РЕГИОНОТ

АЛБАНИЈА – 3
Лорик Цана (Нант – Франција), Шкелзен Гаши (Колорадо Рапидс – САД), Таулант Џака (Базел - Швајцарија)

ГРЦИЈА – 3
Костас Манолас (Рома – Италија), Костас Фортунидис (Олимпијакос), Сократис Папастатопулос (Борусија Дортмунд - Германија)

ЦРНА ГОРА – 1
Стеван Јоветиќ (Интер – Италија)

СРБИЈА – 5
Немања Матиќ (Челси – Англија), Немања Гудељ (Ајакс – Холандија), Лука Јовиќ (Бенфика – Португалија), Зоран Тошиќ (ЦСКА Москва – Русија), Андрија Живковиќ (Партизан)

ТУРЦИЈА – 8
Арда Туран (Барселона – Шпанија), Бурак Јилмаз (Пекинг Гуан – Кина), Хакан Чалханоглу (Баер Леверкузен – Германија), Мехмет Топал (Фенербахче), Семих Каја, Инан Селчук (Галатасарај), Јунус Мали (Мајнц – Германија), Гокхан Торе (Бешикташ)

ХРВАТСКА – 10
Марио Манџукиќ (Јувентус – Италија), Лука Модриќ, Матео Ковачиќ (Реал Мадрид – Шпанија), Иван Ракитиќ (Барселона – Шпанија), Марко Пјаца, Анте Чориќ (Динамо Загреб), Иван Перишиќ (Интер – Италија), Ловре Калиниќ (Хајдук), Никола Калиниќ (Фиорентина – Италија), Дарио Срна (Шахтер - Украина)

БиХ – 1
Миралем Пјаниќ (Рома - Италија)

СЛОВЕНИЈА – 3
Самир Хандановиќ (Интер – Италија), Јосип Иличич (Фиорентина – Италија), Кевин Кампл (Баер Леверкузен - Германија)

РОМАНИЈА – 3
Константин Будеску (Далијан – Кина), Сипријан Татарсуану (Фиорентина – Италија), Влад Кирикеш (Наполи - Италија)

МАКЕДОНИЈА - НЕМА

БУГАРИЈА – НЕМА

 

Најново во Фудбал