Оптимизмот не спласнува, поразот ќе ги направи посилни

Костадинов и Аврамовски: Против Србија ќе потврдиме дека заслужено сме на ЕП

Младите македонски репрезентативци нема да се предадат по една загубена битка и сите заедно веруваат дека веќе во Бидгошч, во вторник против Србија ќе докажат дека заслужено се на Европското првенство во Полска

објавено: 18 јуни 2017 - 20:25

Од Гдиња, Зоран Поповски

Младите македонски репрезентативци нема да се предадат по една загубена битка и сите заедно веруваат дека веќе во Бидгошч, во вторник против Србија ќе докажат дека заслужено се на Европското првенство во Полска. Нема отстапување, целта е победа, иако нашите млади играчи потенцираат дека ќе имаат силен противник, задутре од 18 часот.

„Шпанија ја оставаме зад нас и се концентрираме на Србија. Имаат одлични играчи, и тие се поразени во првото коло, па очекувам беспоштедна битка. Подбри сме од нив и верувам дека тоа ќе го докажеме во Бидгошч“, вели Тихомир Костадинов.

Тој не доби шанса да игра против Шпанија, но е подготвен за дуелот со нашите северни соседи, ако селекторот Благоја Милевски му ја укаже довербата.

Најавени се измени во однос на почетниот состав, а најблиску до местото стартер против Србија се чини е Даниел Аврамовски. Тој одлично ги познава српските репрезентативци, со Давид Бабунски играа за Цврена Звезда из а нив двајца ова на некој начин ќе биде посебен меч.

„Очекувам да ја повториме играта од првиот меч. Со Шпанија создадовме многу шанси, сега очекувам само да ја подобриме реализацијата. Ги познавам добро српските репрезентативци. Имаат квалитет, но ние не се сомневаме во нашиот капацитет. Поразите се составен дел од фудбалот и сигурен сум дека ќе излеземе посилни и против Србија ќе потврдиме дека заслужено сме на Европско првенство“, вели Аврамовски

Најново во Фудбал