ОГНЕН ДЕДИЌ ГИ НАБРОЈА ДЕСЕТТЕ ЗАПОВЕДИ НА АБА-ЛИГА

„Благодарение на нас може да ги исполните вашите канализациско-пе*ерско-гангстерско-шлаемски шеми“

По петгодишната суспензија на Карпош Соколи од сите натпреварувања на АБА, првиот човек на македонскиот вицешампионо повторно се огласи во јавноста. Овој пат Огнен Дедиќ ги набројка десетте заповеди на челниците на оваа лига. 

објавено: 26 јули 2017 - 15:27

По петгодишната суспензија на Карпош Соколи од сите натпреварувања на АБА, првиот човек на македонскиот вицешампионо повторно се огласи во јавноста. Овој пат Огнен Дедиќ ги набројка десетте заповеди на челниците на оваа лига.

„Спортмедиа“ во целост ви го пренесува соопштение на Карпош Соколи. 

„Одлуките од Белград само го потврдија тоа што од претходно го знаеме дека станува збор за друштво на кошаркарски убијци, кои се решени да елиминираат сѐ пред себе само за да дојдат до зацртаната цел. А, тоа е лига од пет српски, три хрватски, две црногорски и по една македонска и словенечка екипа во која нема да се знае кој на кого му пушта поради резултатски, но и други помрачни причини.

Со сето тоа што го направија, овие луѓе само потврдија дека се излезени од сите вери и дека не се водат според десетте божји правила туку си имаат свои правила кои им се потребни за да газат и 'убиваат' сѐ пред себе за да ги остварат личните цели. Иако мислат дека никој не им ги знае, јас добро ги имам причитано луѓето од АБА и ги знам нивните десет заповеди, кои ѝ ги пренесувам на јавноста за добро да знае со кого си има работа:

1. Не ги сакај и не ги почитувај екипите кои настапуваат во АБА-лигата и користи ја секоја можност да ги исплукаш и омаловажиш.
2. Секогаш на екипите од АБА-лигата вели им фала што постоите за да можеме да ги оствариме нашите канализациско-пе*ерско-гангстерско-шлаемски шеми.
3. Ви благодариме екипи од АБА-лигата што сте со нас бидејќи ние, кошаркарските убијци од АБА, не сме и никогаш нема да бидеме со вас.
4. Немојте да нѐ обвинувате нас, кошаркарските убијци кои ја водиме АБА бидејќи мораме да ги оствариме сите наши лични, суетни и егоистички цели.
5. Лажи ги и ограбувај ги екипите од АБА колку што можеш повеќе за да може таа да продолжи да опстојува.
6. Секогаш многу ќе си ги сакаме екипите од АБА-лигата, бидејќи ако тие не постојат ние нема да можеме да лажираме натпревари.
7. Само гледј личен интерес во АБА-лигата, па дури и по цена да правиш криминал и завршиш во затвор.
8. Форсирај измами, лажи и кради ги екипите од АБА-лигата само за да ги оствариш своите зацртани цели.
9. Постојано кодоши ги и создавај антагонизам помеѓу екипите за да се создаде што е можно поголема омраза помеѓу нив, бидејќи така ќе биде поквалитетна АБА-лигата.
10. Копај им гроб на екипите од АБА-лигата за да не забележат дека ни, кошаркарските убијци, веќе одамна ја однесовме АБА во гроб.

Голем дел од овие црни правила на луѓето од АБА ние како клуб добро ги запознавме при преговорите, а и потоа за време на сезоната, кога редовно се јавуваа кога доаѓаа во Скопје за да ги пречекуваме со гозби и да им ги исполнуваме сите нивни фрустрации. Но, овие кошаркарски убијци за многу скоро ќе ги снема од спортската мапа, ви гарантирам тоа, бидејќи во брзо време ќе се направи нова лига на екипите од просторот на поранешна СФР Југославија, но под капата на ФИБА, која е единствена организаја што може и смее тоа да го направи. Тоа би било исто така лига со 12 екипи, но со по два тима од секоја од шесте некогашни братски републики, а пласманот би се определувал од националните шампионати.

Што се однесува до серијата казни, прво од 12.000 евра па до петгодишната суспензија, сигурен сум дека како што тргнале, а и ако би било во можност да го сторат тоа, луѓето од АБА би ме осудиле и на смртна казна. А, ако не можат да се договорат како следно да ме санкционираат, ги повикувам да ми се јават па ако можам и самиот да им помогнам во тоа.

Но, што и да сторат, тие нема да ме замолчат сѐ додека не ја признаат грешката и не ни ги вратат парите во износ од 150.000 евра со извинување за сите нечесни работи и матни игри што ги правеа за и околу нас во изминатиот период. Ако не го сторат тоа, моите откривања на нечесните работи на оваа криминално-гангстерска организација ќе продолжат и во иднина", вели Огнен Дедиќ.

Најново во Кошарка