ВЛЕЗОТ ЗА ТРЕТОТО ФИНАЛЕ Е СЛОБОДЕН

МЗТ АПЕЛИРА ДО НАВИВАЧИТЕ: Дојдете и помогнете ни пак да ги победиме „соколите“

„Навивачите и симпатизерите секогаш биле шести играч на МЗТ Скопје Аеродром, поради што избраниците на тренерот Анте Назор ги повикуваат сите оние на кои сино-белата боја им е во срцето да дојдат и да им помогнат во напорите да го совладаат незгодниот противник и да дојдат на само еден чекор до целта која сите заеднички ја посакуваме – шестата шампионска титула во низа“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

објавено: 18 мај 2017 - 13:45

МЗТ Скопје и Карпош Соколи утревечер ја продолжуваат битката за титулата. По поразот во „Борис Трајковски“, бранителот на титулата сака максимално да ја искористи предноста на домашен терен и да поведе со 2-1. Поради важноста на овој натпревар, челниците на клубот одлучија влезот да биде слободен, а тренерот Анте Назор и кошаркарите апелираат до навивачите да се вратат на трибините.

„Со цел максимално да се пополнат трибините во големата сала во спортскиот центар „Јане Сандански" со што играчите би добиле дополнителна енергија и сила која би можела да го реши овој исклучително важен меч, управата на клубот реши да ги отвори вратите и да овозможи слободен влез за сите што сакаат да го проследат овој дуел и да им помогнат на своите миленици. Овој потег, воедно е и своевидно извинување за поразот во претходното гостување во Карпош како и за начинот на кој „металците" одиграа во првите три четвртини од натпреварот.

Навивачите и симпатизерите секогаш биле шести играч на МЗТ Скопје Аеродром, поради што избраниците на тренерот Анте Назор ги повикуваат сите оние на кои сино-белата боја им е во срцето да дојдат и да им помогнат во напорите да го совладаат незгодниот противник и да дојдат на само еден чекор до целта која сите заеднички ја посакуваме – шестата шампионска титула во низа“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Карпош Соколи е закажан со почеток во 19 часот.

 

Најново во Кошарка