ШАМПИОНОТ ДОЈДЕ ДО ПЛАНИРАНАТА ЦЕЛ, ВОДИ СО (2-0)

МЗТ се мачеше, но уште еднаш помина во Куманово

По триумфот и на гостински терен, сега од (93:88) тимот од Аеродром во вторник навечер може да ја затвори полуфиналната плеј-оф серија против кумановци

објавено: 7 мај 2017 - 20:50

Куманово даде жесток отпор во обидот да биде конкуренција на „веќе видениот" учесник во финалето.
А од друга страна, евидентно, очигледно беше не баш стонастотното залагање на „металците" во овој втор меч од серијата која треба да го даде тимот кој ќе се бори за титулата.
МЗТ Скопје не делуваше шампионски во Куманово. Но сепак, ја имаше контролата, барем онаа резултатската во најголем дел од натпреварот кој лани беше финале, а оваа година, „само" полуфинале на плеј-офот.

Како и да е, МЗТ Скопје победува и кога не игра добро, а тоа е одлика на големите екипи, за каква што важи онаа од Аеродром во македонската кошарка.

Куманово – МЗТ Скопје 88:93 (18-25; 31-23;19-24; 20-21)
Како избраниците на Анте Назор да чекаа Куманово да „падне" и да му го зададат оној „мсртоносен удар". Чекаа, но таков момент гостите од Скопје, скоро и да не дочекаа.
Напротив, пред себе имаа мотивирана петорка на Куманово, предводена од репрезентативецот Караџовски, а помогнат од својот другар од репрезентацијата, Јанески, и некогашниот младински репрезент, Караколев.
Па не беше чудно што „сино-белите„", но оние кумановски дури беа и во водство по 20 одиграни минути. Макар и минимално (49:48).


Но „болната точка" на овој состав на Куманово беше и остана прекратката „ротација". Евидентирано по оние 15 минути пауза, кои не беа доволни за да ги наполнат „акумулаторите" оние пет играчи кои Марјан Србиноски ги „троши" до максимум.
По тројката на не баш премногу експонираниот Темс, МЗТ Скопје дојде до висок, со оглед на претходните ситуации, плус од седум поени (65:58). кога се играше 26. минута.
Куманово преку репрезентативниот двоец Караџовски-Јанески стигна и до израмнување на резултатот, (68:68). макар и за момент, затоа што Темс, со помош на Клоф, го вратија МЗТ во водство. По три периоди беше (72:68), за бранителот на шампионскиот пехар.
Но ова „бавно темпо", дефинитивно повеќе им одговараше на домашните кошаркари, кои упорно ја бараа својата шанса за изненадување.

Ама никако не успеаја да го пронајдат вистинското решение. Се до последната минута, кога добија судиски „подарок“. Односно две слободни фрлања (ги реализираше Јанески) за -3 (86:89. Но и напад за нерешено, кој не успеа да го заврши, со точен шут за три поени - Живановиќ.
Постојано беа на чекор зад противникот кој и во едно бледо издание знаеше да се одбрани, и што е најважно да победи. Да дојде до планираната цел, во три меча да се врати во финалето и да атакува и на шестиот по ред шампионски пехар.

Најново во Кошарка