ОД КРАЈНОСТ ВО КРАЈНОСТ

Рекордна лицитација од 115.000 денари за организација на завршницата во М12

За првпат во младинските категории се водеше „жестока“ битка за организација на еден завршен турнир и тоа за кошаркари до 12 години. Цената на денешната лицитација стигна до 115.000 денари или речиси 2.000 евра. Домаќин на овој турнир ќе биде тимот на МЗТ Скопје. 

објавено: 19 мај 2017 - 15:20

Од крајност во крајност се движат работите во македонската кошарка. Ако пред извесно време ниту еден од сениорските клубови не се пријави за организација на Купот на Македонија, денеска се водеше  „жестока“ борба за организација на завршен турнир и тоа во младински категории.

На денешната лицитација за организација на завршницата за кошаркари до 12 години цената стигна до 115.000 денари или речиси 2.000 евра. На крајот победник од овој „дуел“ излезе тимот на МЗТ Скопје. 

Младинците на МЗТ Скопје во четвртфиналето ги добија и двата дуели со Ангели и се пласираа во првото полуфинале, во каде силите ќе ги одмерат против Партизан Водно Санс, кој пак беше подобар од Вардар.

Во рамки на второто полуфинале ќе се пресметаат МВП Струмица (претходно го доби Феникс 2010) и Дино Баскет (беше подобар од Црн Дрим 007).

Натпреварите во оваа завршница се закажани за следниот викенд во салата „Јане Сандански“.

 

 

Најново во Кошарка