Гори Истанбул, прва европска круна за турски клуб

Четири поени за Антиќ во финалето и трета европска круна, прва и историска за Фенербахче

Фенербахче е првиот турски клуб со шампионската круна во Евролигата, а македонскиот репрезентативец Перо Антиќ ја слави својата трета европска титула, по двете со Олимпијакос. Токму грчкиот тим беше противник на Фенер во финалниот меч во Истанбул, а домаќините славеа убедливо со 80:64

објавено: 21 мај 2017 - 21:54

Фенербахче е првиот турски клуб со шампионската круна во Евролигата, а македонскиот репрезентативец Перо Антиќ ја слави својата трета европска титула, по двете со Олимпијакос. Токму грчкиот тим беше противник на Фенер во финалниот меч во Истанбул, а домаќините славеа убедливо со 80:64.

Антиќ одигра нешто над 8 минути и постигна 4 поени, на четвртиот фајналфор за него и четврто финале во кариерата, а слави по третпат.

Фенербахче водеше во текот на целиот меч, предводен од извонредниот Калиниќ. Крилниот центар во првата четвртина постигна 12 поени, од вкупно 26 на турскиот тим, кој доби три од четирите четвртини. Олимпијакос немаше шанси и постојано бркаше негатива, па остана без титулата.

Калиниќ и Богдановиќ кај Фенер беа најефикасни со по 17 поени, Датоме постигна 11, а Јудо 10. Кај Олимпијакос се истакна Бирч со 14 поени, а само уште Милутинов имаше двоцифрен број на поени, точно 10.

 

Јудо е МВП на „фајнал-форот“

Кошаркарот на Фенербахче, Екпе Јудо е прогласен за најкорисен играч на завршниот турнир на Евролигата. На центарот на Фенербахче ќе му припадне наградата од летови од „милион милји“ од спонзорот „Туркиш Ерлајнс".

За Јудо, гласаа акредитираните новинари во „Синан Ердем Дом" во Истанбул, а финалниот натпревар овој Нигериец со Американски пасош го заврши со 10 поени и 6 скока.

Една вечер порано, Серхио Љуљ од Реал Мадрид беше избран за МВП на регуларниот дел од сезоната.

Најново во Кошарка