ГО ДОПРЕВМЕ ДНОТО

Македонската кошарка е МРТВА! Косово ја победи Естонија

По триумфот на домаќините на средбата во Приштина, Македонија заврши на последното место во групата и не успеа да се избори ниту за влез во квалификациите за пласман на СП

објавено: 19 август 2017 - 22:06

Македонската кошарка го допре дното. Националниот тим не успеа да ја помине ниту претквалификациската група за пласман на Светското првенство. „Црвено-жолтите“ завршија како последни  во групата, каде уште беа и Естонија и Косово. 

Во последниот, решавачки меч за разврска во групата, Косово славеше против Естонија со 75:69 и го освои второто место во групата, додека Естонците беа сигурно први. Македонија заврши на дното од оваа група, каде пред стартот на претквалификации, Косово беше селекција без ниту една победа на официјален натпревар. 

Сепак, Косово покажа дека е подобра од Македонија во моментов, откако покрај триумфот над нашата селекција, вечерва славеше и против Естонија. Речиси во текот на целиот меч резултатот беше неизвесен, но домаќините повеќе ја посакуваа победата.

Ниту еден тим немаше двоцифрена предност. По првите 10 минути Косово имаше 24:22, но на полувремето гостите беа тие кои водеа и тоа со 38:35. Во средината на третата четвртина Естонија поведе со 50:44, но тогаш како да сопреа.

Косово направи серија од 15:2 и во 32 минута поведе со 59:52. Потоа следуваа три тројки на Естонија и една контра за два поени и серија од 11:0, за повторно водство на гостите од 63:59. Потоа следуваше повторно промена на водството. Косово водеше со 64:63, но со серија од 4:0, повторно Естонија имаше позитивни 67:63.

Сепак, во последната минута се влезе нерешени 69:69. Со тројка на 30 секунди до крајот Косово поведе со 72:69 и го потврди нивниот најголем успех, а во исто време ја турна македонската кошарка на дното во Европа.

Најново во Кошарка