ПОВРЕДАТА НА ПЛЕЈМЕЈКЕРОТ НЕ Е СЕРИОЗНА, НО...

Џордан Теодор неизвесен за „Трофеј Македонија“

„Џордан Теодор од денеска почна со терапија. Повредата не е сериозна, но мора да бидеме внимателни. Не сакаме да ризикуваме, ако треба ќе паузира повеќе од два-три дена“, ни изјави селекторот на репрезентацијата Јорданчо Давитков.  

објавено: 17 јули 2017 - 17:16

Здравствениот билтен во македонската репрезентација и натаму е најголем проблем во подготовките за претквалификациите за Светското првенство 2019 година. Во следните неколку дена селекторот, Јорданчо Давитков на располагање ќе го нема натурализираниот Македонец, Џордан Теодор.

Плејмејкерот на дуелот против Бугарија се здоби со повреда на мусклулот на левата нога. Иако не станува збор за нешто сериозно, сепак предводникот на „црвено-жолтите“ нема да ризикува. Американецот ќе биде поштеден, ако треба ќе го „прескокне“ и меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“.

„Џордан Теодор од денеска почна со терапија. Повредата не е сериозна, но мора да бидеме внимателни. Не сакаме да ризикуваме, доколку има потреба, тој ќе паузира повеќе од два-три дена. Мене ми е важно играчите да бидат здрави за претквалификациите, резултатите на пријателските натпревари во моментов не се во преден план. Победи ќе бараме во август против Косово и Естонија", ни изјави селекторот на репрезентацијата Јорданчо Давитков.

Она што „Спортмедиа“ го објави утринава, селекторот делумно го потврди. Игор Пенов поради повреда побарал пауза од една недела, а дали ќе се врати во составот ќе биде позато од следниот понеделник.

Со максимален интезитет нема да тренираат ниту Војдан Стојановски и Ѓорѓи Чековски, и двајцата исто така имаат повреди. Војдан се здоби со удар на коленото во Словачка, додека кај популарниот Станко станува збор за хронична повреда.

По краток одмор, кошаркарите вечерва продолжуваат со подготовките за претквалификациите за СК. Нареден тест нашите момци ќе биде „Трофеј Македонија“, на кои ќе учествуваат селекциите на БиХ, Холандија и Португалија.  

Марија Ковачева

 

Најново во Кошарка