ЈОРДАНЧО ДАВИТКОВ ГО СКРАТИ СПИСОКОТ ЗА СЛОВАЧКА

Штерјов, Марковски и Пајиќ не патуваат во Братислава

Покрај Бобан Стајиќ, кој поради повреда најверојатно нема да биде на располагање за претквалификациите, во Словачка нема да патуваат Александар Штерјов, Горјан Марковски и Предраг Пајиќ. 

објавено: 9 јули 2017 - 13:21

Македонската кошаркарска репрезентација утре заминува за Братислава каде во вторник и среда ќе ги одигра првите два пријателски натпревари во подготовките за претквалификациите за Светското првенство 2019 година.

Покрај Бобан Стајиќ, кој поради повреда на коленото најверојатно до крајот нема биде на располагање, за Словачка нема да патуваат уште тројца кошаркари. Селекторот Јорданчо Давитков одлучи во Скопје да останат Александар Штерјов, Горјан Марковски и Предраг Пајиќ.

„Не сме доволно подготвени за играње натпревари, далеку сме од некаква форма. Но тоа е нормално во овој период. Имаме уште 20 дена за подготовки. После трунирот во Скопје очекувам веќе да имаме видлив напредок во формата. Овие дуели со Словачка ќе ни послужат да видиме до кое ниво сме стигнати, минутажата ќе се распредели за да нема оптоварување на некои играчи“, ни изјави селекторот Јорданчо Давитков, кој во Словачка ќе замине со 13 кошаркари меѓу кои и новиот натурализиран Македонец, Џордан Теодор. 

 

 

 

Најново во Кошарка