ДРАСТИЧНА КАЗНА ПОРАДИ РАСИЗАМ

Поради „косите очи“ го казнија со неиграње на Мундијалот

Колумбиецот Едвин Кардона направи непромислен потег, кој ќе го чини неиграње на Светското првенство во Русија

објавено: 13 декември 2017 - 20:50

До почетокот на светското првенство во Русија има уште половина година, а ФИФА веќе казни двајца играчи со забрана за настап на планетарниот собир. Првиот кој ја почувствува строгоста на Светската фудбалска федерација е капитенот на Перу, Паоло Гуереро кој поради тоа што беше позитивен на допинг контрола, доби суспензија од една година.

На Гуереро на оваа листа ќе му се приклучи и Едвин Кардона од Колумбија. Кардона беше еден од најдобрите играчи на Колумбија во квалификациите, бидејќи успеа на дури три меча да даде победнички погодоци во дуелите со Перу, Боливија и Парагвај.

Иако се радуваше дека ќе игра на своето прво Светско првенство, Кардона тешко дека ќе ја види Русија и тоа поради еден непромислен потег. Пред еден месец, Колумбија играше пријателски меч против Јужна Кореја во Сеул, кога од една банална турканица се случи инцидент. 

Капитенот на Јужна Кореја Сунг-јуенг Ки го оттурна Џејмс Родригез. Тогаш се случи мешаница во која Кардона со рацете гестикулираше кон Сунг-јуенг Ки, како тој има „коси очи“. Камерите го фатија овој расистички потег на Кардона, кој подоцна се извини, но тоа нема многу да му помогне. 

Најново во Меѓународен Фудбал