ВЕЛШАНЕЦОТ ИГРАЛ СО СРЕДСТВА ПРОТИВ БОЛКИ

Бејл признава: Избрзав со враќањето

Напаѓачот на Реал Мадрид, Герет Бејл откри дека морал да земе „многу средства против болки" за да може да игра минатата сезона и признава дека не требал да брза со враќањето на терените

објавено: 11 септември 2017 - 18:15

Бејл има проблеми со физичката подготвеност во текот на четирите години престој во Шпанија, а минатиот ноември беше на операција на скочниот зглоб по што паузираше три месеци. Потоа, 10 натпревари по враќањето, тој доби скинат бутен мускул во мечот против Барселона во април и имаше дополнителна пауза од шест недели.

Велшанецот изјави дека е подготвен за игра во финалето на ЛШ во неговиот роден град Кардиф, каде што влезе во последните 13 минути од 4:1 победата над Јувентус. Сега, Бејл вели дека тоа било грешка.

„Од една страна лесно е да се каже дека требаше да одморам повеќе. Но, кога си повреден три месеци и ги гледаш соиграчите како играат, навистина сакаш да бидеш со нив на теренот. Морав да земам многу средства против болки за да играм. Да, сега мислам дека требаше да паузирам подолго време, но тоа е во минатото“, вели Бејл, кој освои 10 трофеи со Реал од доаѓањето од Тотенхем во 2013 година, вклучувајќи три титули од Лигата на шампиони.

28-годишниот напаѓач постојано е поврзуван со шпекулации за враќање во Премиерлигата со Манчестер јунајтед, но сега Бејл вика дека фановите на Реал уште не го виделе најдоброто од него.

„Најдоброто е пред мене. Имав некои одлични моменти, но некои не беа најдобри“, вели Бејл.

Најново во Меѓународен Фудбал