ХРВАТОТ ИМАЛ НАПОРНО ЛЕТО

Червар: Некој цело лето се капеше во море, а јас планирав како да го оправам Металург

Со изменет состав од лани, со многу млади имиња и малку „стари волци" ракометарите на Металург ги почнаа подготовките за новата сезона во која за првпат нема да бидат дел од Регионалната СЕХА лига. Покрај домашните обврски, Металург ќе игра и во „послабата група" од Лигата на шампионите.

објавено: 4 август 2015 - 14:05

Меѓу осумте нови ракометари најпознато име е Јанко Божовиќ, поранешен играч на Мешков Брест. Другите се „помалку познати“, но желни за докажување.

„Мораме да направиме сѐ за да докажеме дека ни е местото во СЕХА-лигата, таа ќе биде оштетена што ќе не нема. Металург заедно со Вардар и Загреб беа основачи на таа лига. Но ете, тоа е што е, ќе го искористиме тоа како позитива да се докажеме за наредната сезона. Драго ми е што во Македонија почнаа клубовите да формираат резултати и да се засилуваат, ќе имаме силна лига. Сигурно дека ќе се обидеме да ја оправдаме довербата на сите и како што реков, вклучувајќи ја и онаа на ЕХФ, вели Лино Червар.

По ланското заминување на речиси целиот тим, кога едвај се заврши настапот во ЛШ и во СЕХА лигата, Металург беше приморан да ангажира помалку познати имиња, да се насочи кон помлади и неафирмирани играчи.

„На тоа работев цело лето. Не бев на море, туку планирав и програмирав како да работиме. Ќе пробам да вметнам новости и методи во мојата работа, скоро 80 отсто од играчите се млади, од 18 до 23 години. Ќе се обидам да дојдам до методика со која ќе ги научам играчите за одговорност. Ќе почнеме со различен начин на работа на тренинзите, првите такви ќе бидат на подготовки во Маврово. Што се однесува од очекувањата, очекувам доста радости, задоволства и резултати, затоа што имаме млади играчи кои сигурно ќе тренираат напорно и со кои ќе мора да работиме во повеќе правци како квалитетот на играта и нивното растење како ракометари. Дефинитивно има многу работа, но тоа ми е голем предизвик, можеби еден од најголемите предизвици, вели Червар.

Најново во Ракомет