Школата за ракомет „Кирил Лазаров 7" спрема нов голем проект

„Проширување" кон Богданци, Стојаково, Чешиново- Облешево, Валандово...

Покрај школите во Скопје, Струга, Охрид, Куманово, Тетово како големи градови и општини, школата за ракомет е присутна во Богданци, Стојаково, Чешиново- Облешево, Валандово, општини во кои нашите најмлади членови за првпат се запознаваат со ракометот како спорт.

објавено: 12 декември 2017 - 18:00

На почетокот на јули оваа година, пред спуштање на завесата на, до сега, најдобро организираниот ракометен камп, капитенот на македонскиот национален тим, Кирил Лазаров и неговиот тим го најавија следниот голем проект за развој на македонскиот ракомет, школата за ракомет „Кирил Лазаров 7".

Шест месеци подоцна проекциите за отварање на минимум седум школи во исто толку градови се натфрлени и во моментов школата на најдобриот македонски спортист брои единаесет школи со повеќе од 500 момчиња и девојчиња.
Идејата на Лазаров да овозможи ракомет за секое дете без разлика на местото и условите во кои тоа дете живее, да му се овозможи иста шанса да тренира и сонува дека еден ден, исто како неговиот идол Кирил, ќе игра на големата сцена и ќе го носи дресот со националниот грб.


За таа цел, покрај школите во Скопје, Струга, Охрид, Куманово, Тетово како големи градови и општини, школата за ракомет е присутна во Богданци, Стојаково, Чешиново- Облешево, Валандово, општини во кои нашите најмлади членови за првпат се запознаваат со ракометот како спорт.

„Покрај тоа што ние како организатори на овој проект сме максимално посветени во обезбедување на што подобри услови за тренинг во делот на опремување на секоја школа со се што е потребно од опрема, реквизити и топка за секое дете, нашата насока во иднина ќе оди и кон едуцирање и надградба на тренерскиот кадар како важен сегмент. Свесни сме дека без разлика на тоа колку е важно да се обезбедат врвни услови за тренинг на овие деца, сепак како клучен го гледаме факторот човек, односно особено внимание ќе обрнеме со нашите деца да работат врвни педагози и стручни лица. Со тоа успехот е неминовен. Потребно е само време." – Горан Ѓорогонски, агенција КМГ Спорт.'

Секако дека со овој проект зад кој, како организатор и техничка подршка, стои агенцијата КМГ Спорт, покрај социјалниот момент кај најмладите во нашата држава, во соработка со своите партнери и пријатели ќе го следи и физичкиот развој на секое дете, ќе го едуцира за правилен и здрав начин на исхрана и насочува кон вистинските вреднсости.
Се гледаме во сала!

Најново во Ракомет