Завршница и на шампионатот во Германија

Кил се посрамоти, Манасков и Талески со РНЛ во пол позиција за титула во Бундеслигата

Германскиот великан на гостувањето кај Лајпциг загуби со 34:25, додека, пак, клубот на двајцата наши ракометари со вчерашната победа останува на „минус" еден во однос на Флензбург, но, имаат и натпревар помалку

објавено: 18 мај 2017 - 09:15

Рајн Некар Левен со Дејан Манасков и Филип Талески, против Флензбург ќе бијат главна битка за титулата во Бундеслигата. Борбата за круната во Бундеслигата се сведе на два колективи, со оглед на тоа дека Кил во својот 30 меч сезонава во Германија, беше посрамотен на гостувањето кај Лајпциг со 34:25. Со тоа, „зебрите" останаа на 47 бодови, односно четири помалце на РНЛ, но, и две средби повеќе.

Рајн Некар, пак, вчеравечер без Манасков и Талески остана на победнички курс и пред своите навивачи го совлада Бергишер. Новите два бода за актуениот шампион на Германија значеа и стигнување до бројката од 51, односно само еден помалку од лидерот Флензбург. „Жртвата" на Вардар од пред некоја недела, исто така триумфираше и тоа лесно и убедливо против Битенфилд со 36:27.

Но, РНЛ има натпревар помалку, и со победа ќе се искачи на првото место. Сепак, до крајот Македонците со „лавовите" ќе одиграат уште шест средби од Бундеслигата. А одлучувачка за круната во Германија ќе биде таа на 28 мај каде што ќе му гостуваат на директниот конкурент Флензбург. Веднаш потоа, само три дена подоцна на домашен терен ги очекува и меч со Кил.

Тие два дуели ќе бидат вистински тест за актуелниот шампион на Германија, кој ќе мора добро да ја оправда „пол" позицијата која што ја има во трката за титулата.

Најново во Ракомет