Металург сака бодови и победа против Бешикташ

Червар: Мора да уживаме во тимска игра

Тренерот на Металург Лино Червар вели дека Бешикташ е незгоден ривал, но може да се победи, а „металурзите" гио очекуваат првите бодови во Лигата на шампионите

објавено: 21 септември 2017 - 14:03

Тренерот на Металург Лино Червар вели дека Бешикташ е незгоден ривал, но може да се победи, а „металурзите“ гио очекуваат првите бодови во Лигата на шампионите.

„По Монпелје и дуелот во Нови Сад вчера не чека важен домашен меч против Бешикташ. Видовме дека има добри работи, но и што треба да промениме во играта. Со Бешикташ не чека тежок дуел, треба да бидеме многу концентрирани и фокусирани. Она што може и мора да се корегира за в недела е колективната игра и одбраната да биде поцврста. Бешикташ има компактна екипа со неколку истакнати играчи, пикер, бекови, Прибак како плејмејкер. Но, ако ги отстраниме недостатоците, заедно со добра атмосфера и поддршка од навивачите и полни трибини тоа ќе биде дополнителен мотив за нас. Со добра партија во недела да дојдеме до први два бода во ЛШ. Одбраната треба да биде агресивна.  Мора да уживаме во тимската игра, а не акцентот да ни биде на индивидуални акции. Нападот има простор за побрз пренос на топка, мора побрза транзиција... Тоа се тие можности за напредок, но како млада екипа уште работиме на тоа.

Нема време за одмор, нема плачење и мора максимум да се дава на секој натпревар. Многу од играчите немаат уште тешки и квалитетни натпревари кои ќе им помогнат на овие играчи да созреат. Секој меч е нова приказна и мора да се работи, да се бара повеќе и подобро, а се надевам дека со тоа ќе дојде и резултатот.“, вели Лино Червар.

 

Дарко Димитриевски вели дека мора да се намалат техничките грешки за успех и победа против Бешикташ, в недела од 17 часот.

„Познат противник против кој треба да ги бараме првите два бода. Имаме време за одмор, за консолидација на силите и со една добра тимска игра да дојдеме до победа. Мотивот е потребно да биде на високо ниво, со таков менталитет играме дома одлично. Вчера имавме технички грешки, промашивме многу зицери. Мора да се поправи тоа, за да се надеваме на успех“, вели Димитриевски.

Најново во Ракомет