ШТО ПОКАЖУВА СТАТИСТИКАТА ПО ПРВИТЕ ТРИ МЕЧА НА МАКЕДОНИЈА

Манасков без утка од 7 метри, кога шутираат Пешевски и Ф. Лазаров секогаш е гол

Тимската игра е тоа што го краси овој тим предводен од капитенот Кирил Лазаров

објавено: 18 јануари 2018 - 19:10

Македонија е вистински хит на Европското првенство во Хрватска. Тоа го покажуваат резултатите. Две победи и едно реми, доволни за прво место во новоформираната група, каде ќе се води битка за пласман во полуфиналето. 

Интересна е вкупната статистика на Македонија по мечевите против Словенија, Црна Гора и Германија. Таа покажува дека Дејан Манасков и Кирил Лазаров се нашата прва опција во нападот. Тие имаат упатено најмногу удари, но и дадно најмногу голови досега. 

Манасков е прв стрелец со 17 погодоци од 26 удари, додека капитенот Лазаров има 16 гола од 36 упатени удари. Тие двајца се и опцијата за удари од седум метри. Кире има 4 погодени од 7 шута, додека Деки е со перфектна реализација досега и ги даде сите 7 удари. Со двоцифрен број на голови досега е само уште и Филип Талески кој има 10 погодоци.

Кога се гледа реализацијата, тогаш перфектноста ги краси Жарко Пешевски и Филип Лазаров. Двајцата имаат дадено пет гола од игра и тоа од пет обиди. Филип го пропушти дуелот против Германија поради повреда, но би требало да биде подготвен за следните предизвици. 

Со одлична реализаиција се и Филип Миркуловски, Стојачне Стоилов и Филип Кузмановски. Првиот има шест гола од осум удари, а пикерот Столе е со шест гола од девет обиди. Кузмановски е со седум погодоци од 10 обиди. 

Од голмански аспекти дуото Борко Ристовски и Никола Митревски имаат вкупно 35 одбрани од 112 шута упатени кон голот на Македонија. Ристовски има 21 одбрани од 74 шута, а Митревски е со 14 одбрани од 36 удари. Од пенали Никола одбрани еден од три удари од седум метри, а Борко нема фатено ниту еден од шесте пенали. Поискусниот Ристовски беше прогласен за играч на мечот на дербито против Германија. 

 

Најново во Ракомет