ЕВРОПСКИТЕ ПРВАЦИ И ЗАСЛУЖУВААТ ОДМОР

Раул: Веќе мислиме на зимската пауза

Тренерот на европскиот првак потенцира дека „црвено-црните“ сакаат со победа да ја заокружат најуспешната година во клупската историја. „Црвено-црните“ вечерва гостуваат на Горење

објавено: 13 декември 2017 - 14:20

Најдобриот тим во Европа, Вардар, вечерва треба со победа да ја заврши 2017 година. „Црвено-црните“ гостуваат кај Горење, во рамките од СЕХА лигата, во последниот меч во најуспешната година на клубот. Вардар е перфектен во СЕХА лигата и има 10 победи во исто толку меча. 

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез вели дека сите играчи се фокусирани за дуелот против Горење, но дека едвај чекаат да заврши средбата и потоа да одат на заслужен одмор. 

„Во моментов сме во многу добра ситуација, во сите натпреварувања. Треба да уживаме во последниот меч во годината, но мора да бидеме и фокусирани, бидејќи сите противници се посебно мотивирани кога играат против нас. Сакаме да ја завршиме годината со победа против Горење, знаеме дека нема да биде лесно. Сите веќе мислиме на зимската пауза, но мора да се заврши работата“, рече Раул. 

Во првиот дел од СЕХА лигата, Вардар лесно и убедливо со 32:19 го победи Горење, кој е на седмото место на табелата со три победи, две нерешени и четири порази во девет средби во регионалното натпреварување. 

 

Најново во Ракомет