ПРОДОЛЖУВА КОНТИНУИТЕТОТ СО НАСТАП НА ГОЛЕМИ НАТПРЕВАРУВАЊА

Червар чекај ја Македонија, доаѓаме на ЕП во Хрватска

„Црвено-жолтите“ ја растурија Чешка, во последниот меч од квалификациите за пласман на континенталниот турнир и како првопласирана заврши во групата

објавено: 18 јуни 2017 - 22:17

Македонија уште еднаш покажа дека е ракометна велесила. Со убедлив триумф од 33:20 против Чешка, Македонија се избори за место на завршницата на Европското првенство во Хрватска, кое се игра следната година во јануари. 

Против Чешка, нашите ракометари требаше да се потврдат местото на континенталниот собир, а тоа го направија на најдобар можен начин. Одиграа одличен меч и од првата минута до крајот држеа лекција на противникот во салата „Борис Трајковски“.

Кирил Лазаров беше предвоник и уште во првото полувреме даде девет гола од 10 обиди. По 30 минути игра, Македонија водеше со 16:10. Таму кај што застанаа во првото полувреме, Македонија продолжи во вториот дел. Во средината на второто полувреме Македонија стигна и до двоцифрена предност 26:16 и се беше јасно на теренот во Скопје. 

 Капитенот Лазаров беше најдобар стрелец на мечот со 11 гола од 12 обиди, додека Дејан Манасков даде шест погодоци од девет шута.

Со оваа победа, Македонија се избори да биде во вториот по ранг барабан кога ќе се влечат групите за ЕП, што дава поголеми шанси за подобар пласман на турнирот, кој ќе биде во Хрватска, земјата на некогашниот макeдонски селектор, Лино Червар. 

Червар ја предводеше Македонија во првиот дел од квалификациите, но откако доби понуда да застане на чело на хрватската репрезентација, реши да избега од Македонија. На негово место дојде херојот на Вардар, стратегот Раул Гонзалес, кој сега покажува дека успешно може да го води и националниот тим на Македонија. 

Најново во Ракомет