СЛЕДНА НОВА НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА ЗА ФЕНОМЕНАЛНИОТ ШПАНЕЦ

Команданте Раул сакаме медал и од ЕП во Хрватска

Шпанскиот стратег беше на клупата на Вардар предводејќи го тимот до европското злато на клупски план пред две недели. Сега следи нов предизвик со репрезентацијата на Македонија и тоа на континенталниот собир во 2018 година

објавено: 19 јуни 2017 - 18:04

Македонската ракометна треска трае речиси цел месец. Овој, јуни 2017 година, дефинитивно ќе биде запамтен во историјата на овој ракометот кај нас. Тоа е месец кога екипата на Вардар го постигна најголемиот успех, триумфирајќи во Лигата на шампионите, но и месец кога македонската репрезентација, за прв пат во едни квалификации, како првопласирана во групата си обезбедува место на завршницата на европско првество. 

Тој успех на Вардар и овој на репрезентацијата ги спојува едно име. Тоа е Раул Гонзалес. Шпанскиот стратег е на чело и на Вардар, но и на националниот состав. Со него на клупата, успесите се покажуваат како загарантирани.

Пред нешто повеќе од две недели, Вардар застана на европскиот клупски трон. Тоа е најголем успех за еден наш машки спортски колектив. Еуфоријата од Вардар, Гонзалес брзо ја преточи и во репрезентацијата. Во клучниот меч за пласман на континенталниот собир, Македонија против Чешка одигра речиси без грешка и на крајот победи со убедливи 33:20.

Со оваа победа, Македонија си обезбеди место во Хрватска и тоа како првопласирана во квалификациите. Сега пред Раул е уште еден голем предизвик. Македонија на ЕП 2018 година да направи историски успех. Едноставно апетитите се зголемени. По европското злато на клупски план, од „командантот Раул“ очекуваме нова магија, која би донела медал од ЕП. 

До настапот во Хрватска има уште повеќе од шест месеци, но Македонија покажа дека има сили, квалитетни играчи и одличен тренер, па зошто да не се надеваме еден медал да дојде и во земјата на актуелниот европски клупски првак. 

Најново во Ракомет