МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ СЕРИОЗНО ОСЛАБЕНА

ПРОБЛЕМ: Темелковски без тројца играчи против Русија

Македонската младинска репрезентација во продолжение од Мундијалот во Алжир ќе биде ослабена за тројца играчи. На утрешниот дуел против Русија за пласман од 5 до 8 место, селекторот Илија Темелковски нема да може да смета на услугите Крстевски, Арсеновски и Нелоски.  

објавено: 28 јули 2017 - 11:30

Македонската младинска репрезентација во продолжение од Мундијалот во Алжир ќе биде ослабена за тројца играчи. На утрешниот дуел против Русија за пласман од 5 до 8 место, селекторот Илија Темелковски нема да може да смета на услугите Горан Крстевски, Филип Арсеновски и Марко Нелоски.

Поради повреда на рамото за Крстевски Мундијалот најверојатно е завршен, Арсеновски кој го пропушти вчерашниот дуел против Франција има повреда на зглобот на ногата, додека пак Нелоски, кој игра под инекции ќе биде во составот, но дали ќе влезе во игра останува да биде познато пред утрешната средба.

„Не верувам дека Крстевски ќе може да настапи на мечот со Русија. Не сум многу оптимист и дека ќе го имаме и на последниот меч. Ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата.

 

Арсеновски има повреда на зглобот на ногата. Се повреди на натпреварот со Алжир. Мислевме дека ќе може да игра со Франција, но кога облече патика, стана јасно дека нема да игра. И за него не сум оптимист дека ќе биде подготвен за саботната средба“, изјави за „Г-спорт“, селекторот на младинците, Илија Темелковски.

Предводникот на „црвено-жолтите“ не крие дека по поразот од Франција никој не се чуствува пријатно.  

„Без разлика на се, не е сеедно дали ќе бидеме петти или осми. Сакаме што подобар резултат. Не се чувствуваме нималку пријатно по поразот од Франција. Но, тоа е. Беа премногу јаки. Никако не можевме да ја пробиеме нивната зона. Дури ни со седум напаѓачи не ни одеше. Нападот ни беше многу лош. Бевме далеку од нив, топката одеше бавно, имаа време да се наместат и покријат. Голема замерка имам за последните десет минути. Не сакам да го користам тој збор, но проработе еден менталитет дека кога веќе не можеме да ги стигнеме, не е битно дали ќе биде пораз од пет или петнаесет. Мораме да се бориме до последен момент без разлика на резултатот".

Македонија и Русија играат утре со почеток во 13:30 часот, во зависност од крајниот резултат ќе вкрстиме со Тунис или пак Унгарија.  

 

Најново во Ракомет