КОНЕЧНО ДОБРИ ВЕСТИ

Рајн Некар покажа разбирање, Талески ќе игра на СП?

Селекторот на младинска репрезентација, Илија Темелковски ќе го има капитенот Филип Талески на располагање за Светското првенство во Алжир. Последните информации велат дека тимот на македонскиот бисер, Рајн Некар Левен би можел да ја промени својата првична одлука. Се очекува утре тој да биде на првиот тренинг на нашите младинци 

објавено: 27 јуни 2017 - 15:04

Позитивни вести за Македонија. Филип Талески ќе биде во составот на младинската репрезентација на Светското првенство во Алжир. По првичните шокантни вести, односно одлуката на Рајн Некар Левен, македонскиот бисер да не настапува на Мундијалот, челниците на бундеслигашот сепак покажале разбирање. Се очекува утре тој да биде присутен на првиот тренинг на нашите младинци.

Во следните неколку дена се очекува да се огласи РФМ и да потврди дали Талески ќе патува за Алжир или не. 

Инаку, селекторот Илија Темелковски и неговите избраници утре во Маврово започнуваат со базични подготовки за СП. На списокот на предводникот на „црвено-жолтите“ се најдоа 19-мина ракометари, тројцата голмани Мартин Томовски, Никола Даниловски и Марко Кизиќ, како и Талески, Кузмановски, Арсеновски, Велковски, Лазаревски, Танкоски, Нелоски, Шилегов, Палевски, Петровски, Јагуриновски, Димитриоски, Џонов, Крстевски, Серафимов и Аларов.

Засега проблем се Марко Неловски и Мартин Томовски, кои повредени ќе се појават на подготовките. Неловски има отечено колено и веќе е под терапии, додека Томовски има проблеми со задната ложа. Од нашиот табор се надеваат дека двајцата ракометари ќе бидат фит за СП.

Светското првенство во Алжир ќе се игра од 18 до 30 јули, Македонија е во група со Шпанија, Русија, Тунис, Буркина Фасо и Бразил. 

Најново во Ракомет